Илчо Ѓорѓиоски лапнал 55.000 долари за да каже каде да се одржи СП 2026! (ФОТО)

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, кој во јули минатата година поднесе оставка и се повлече од функцијата прв човек на македонскиот фудбал добро се офајдил од Светската федерација (ФИФА) за тоа што беше дел од работната група (таск-форс), која ги евалуираше кандидатурите за Светското првенство во 2026 година.

Ѓорѓиоски за својата „евалуација“ во исклучително важното тело на ФИФА, заработил 55.000 долари. ФИФА вчера на Советот на организацијата покрај низата крупни работи што ги усвои, ги изгласа финансискиот извештај и извештајот за работа на админинистрацијата, во кој на транспарентен начин освен што е објавена колкава плата има првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, беше објавено и колку пари земал Ѓорѓиоски за учеството во таа таск-форс група. За разлика од матичната врвна организација, ФФМ е тотална спротивност за транспарентност, па со години од владеењето на Ѓорѓиоски, финансиските податоци и начинот на трошење на парите за фудбалот се криеа и не се јавно достапни.

Тој за време на своето учество во таск-форс групата, беше во работна посета од по една недела во двете земји, на трошок нормално на ФИФА, а како плата за одработеното доби 55.000 долари, најмногу од сите членови, со оглед дека доскорешниот прв човек на ФФМ не е дел од некој поголем комитет на ФИФА, чии претседавачи и заменици се годишно платени од светската централа. Така од таск-форсот, само двајца добија паушал од ФИФА, додека за останатите тоа им е редовна работна задача со оглед дека имаат големи примања во Цирих.

Ѓорѓиоски беше избран пред крајот на 2017 година во таск-форс групата на ФИФА, која имаше за цел да ги анализира кандидатурите за Мндијалот 2026, а кандидати беа Мароко, односно заедничката кандидатура на САД, Канада и Мексико. Задача на Ѓорѓиоски и останатите членови беше да дадат оценки и да подготват краен извештај за подготвеноста на замјите за организација на големиот настан. Тој извештај потоа го одобри Советот на ФИФА, а на Конгресот во Москва лани беше одредено дека САД, Канада и Мексико ќе го организираат СП 2026.

Но, за време на евалуацијата, во странски медиуми кои се против владеењето на Инвантино и против американската хегемонија во светот, објавија низа текстови дека комплетната евалуација е лажирана со цел САД, Канада и Мексико да го победат Мароко. За такво нешто обвинуваа и Мароканците со тврдења дека работната група е марионетска на Инфантино. И во конечниот извештај за евалуација сите стравувања се потврдија, па американската кандидатура беше многу подобро оценета од мароканската и очекувано убедливо победија во трката за домаќин на СП 2026.