И Детонит се раздели со тренерот, Осогово најде замена за Илиевски

Два македонски второлигаши денеска објавија крај на соработката со своите досегашни тренери со тоа што едниот од нив веќе најде замена.

На местото на Добринко Илиевски, на клупата на Осогово седнува Горанчо Георгиев кој е и поранешен играч на клубот од Кочани. Со оглед на тоа што има пауза во првенството, Георгиев ќе има десетина дена да го подготви тимот за она што следува, а в сабота Осогово ќе одигра и пријателски меч со Брера во Струмица. По три одиграни кола во Втората лига, кочанскиот клуб се наоѓа на 14. позиција на табелата со само еден бод.

Тренерска смена има и во Детонит Плачковица кој спогодбено се раздели со Иван Варадиновски. Тоа е изненадување ако се знае дека во последните две кола во Втората лига, тимот од Радовиш освои четири бода и е на средината од табелата, а покрај тоа, под водство на Варадиновски, Детонит минатата сезона играше бараж за пласман во Првата лига во кој загуби од Вардар.