Хет-трик на Петковски за лесни три бода за Вардар, дербито на Западот - без победник

Вардар им се врати на победите во Втората Лига Запад по двата порази по ред од лидерите Силекс и Воска. Денеска на стадионот на „ФФМ“, најтрофејниот македонски клуб лесно го преслуша тимот на Велешта со 4-0. 

Победата ја најави искусниот голгетер Филип Петковски со два гола во првото полувреме. Капитенот Дејан Блажевски погоди за 3-0 во 65.минута на својот јубилеен 150-ти натпревар во дресот на „црвено-црните“. Натпреварот го заокружи Петковски, кој го комплетираше својот хет-трик во 89.минута. 

Дербито помеѓу двете првопласирани екипи на Западот помеѓу Воска и Силекс заврши без погодоци. Кратовци ќе бидат позадоволни, бидејќи ќе ја задржат убедливата предност на врвот на табелата од девет бодови. 

ВТОРА ЛИГА ЗАПАД
Воска - Силекс 0-0
Вардар - Велешта 4-0
Кораби - Беса 0-3
Гостивар - Кадино 1-0
Тетекс - Охрид 1-1

Слога Виница го доби дербито на Истокот, откако со 2-1 славеше на гостувањето кај Победа. Лидерот на табелата сега има 31 бод на врвот, четири повеќе од Саса, која денеска победи на гостувањето кај Детонит. Победа со денешниот пораз паѓа на третата позиција. 

ВТОРА ЛИГА ИСТОК
Кит-Го - Братство 2-1
Беласица - Кожув 1-1
Детонит - Каменица Саса 1-3
Победа - Слога 1-2
Локомотива - Осогово 1-1