Грнчаров: Тренерската смена ќе биде шок терапија, сите ќе видат каков квалитет е Јаневски!

Капитенот на макеоднскиот првак Вардар, Бобан Грнчаров посочи дека тренерската смена на два дена пред дуелот со Фенербахче може да биде позитивен стрес за фудбалерите и утре црвено-црните да го одиграат најдобриот меч против фаворизираниот турски гигант.

„Смената може да биде лоша, но може да биде и добра. Да биде позитивен стрес за играчите. По поразот од Копенхаген, психички паднавме и тоа се виде со поразот од Шкендија“, рече Грнчаров.

Тој му посака добредојде на новиот кормилар Чедомир Јаневски и порача – јавноста ќе биди каков квалитет е.

„Знам како работи, сите ќе видите дека е квалитет. Сакам да му посакам среќа на нашиот нов шеф“, додаде Грне.

Капитенот на црвено-црните пред дуелот со Фенербахче потенцира дека оваа пресметка е втора шанса да се напише историја и Вардар да биде прв клуб од Македонија што ќе игра групна фаза.

„После првата неуспешна шанса да влеземе во историјата, утре добиваме втора шанса. Фенербахче е најдобрата екипа која гостува во последните неколку години. Имаат индивидуалци кои со еден потег може да решат меч. Но, имаме и ние свои шанси. Имаме две победи дома, утре се надевам на трета победа. Градски ќе биде преполн, Комитите знам дека ќе не подржат. Мора да одиме офанзивно да дадеме гол, ако сакаме да се надеваме на победа“, додава Грнчаров.

Вардар не се плаши од никого, па црвено-црните најавија дека ќе играт тимски, без да ги интересира дали Ван Перси или Роберто Солдадо ќе биде во нападот на турскиот гигант.

„Ние се гледаме самите себе, како што треба, како што ќе каже тренерот. Дали ќе играат со или без Ван Перси тоа е нивни проблем“, потенцира Грнчаров.