Ѓурковски од Шкупи во Тиквеш, Стојанов замина во Гостивар

Александар Ѓурковски е првото летно засилување на кавадаречкиот прволигаш Тиквеш откако денеска и официјално потпиша едногодишен договор со овој клуб во кој доаѓа откако беше еден од шестмината кои си заминаа од првакот Шкупи.

Ѓурковски беше член на чаирскиот клуб кој изминатата сезона стигна до шампионската титула, но летово спогодбено го раскина договорот и како слободен играш сега доаѓа во Кавадарци. Тој и претходно беше дел од Тиквеш откако играше за овој клуб на заем од чаирскиот клуб.

Тиквеш во среда ги стартува подготовките за новата сезона, а во најава се уште неколку засилувања откако сезонава кавадарчани преку баражот го задржа прволигашкиот статус.

Амбициозниот второлигаш Гостивар донесе уште едно засилување и тоа екс-вардарецот Дарко Стојанов, кој беше меѓу десетмината што си заминаа од црвено-црните по завршување на сезоната.

Стоперот го засилува Гостивар и со своето искуство треба да има голем придонес во трката за влегување во Првата лига на овој клуб, кој донесе неколку проверени имиња со прволигашко искуство, како голманот на Работнички, Бурхан Мустафоф, офанзивецот од Ренова, Емран Рамадани, а го задржа и екс-репрезентативецот Муарем Муарем.

Стојанов потпиша едногодишен договор со Гостивар, а е поранешен фудбалер на Брегалница, Ренова и велешки Борец.