Гачевски: Ова што го правиме е неописливо, а сите едвај чекаа да падне Вардар!

Вардаровата единица Филип Гачевски, капитенот на актуелниот прволигашки лидер после само 13 кола веќе дојде до десет меча со чиста мрежа, па многу близу делуваат ланските рекордни 19 вакви мечеви без примен гол, откако црвено-црните денеска рутински ја победија Ренова со 2-0, а можеа да ги наполнат „гипсарите“.

Тешко дека после 13 кола некој можеше да предвиди дека Вардар ќе биде прв со пет бода пред вториот, со дури 12 бода пред Шкендија, а со десет меча без примен гол и серија од 12 прволигашки дуели без пораз сезонава, откако Вардар остана со многу млади фудбалери и неколкумина искусни, кои го држат овој состав и сигурно чекорат кон есенската титула.

„Јас како капитен на овој тим немам зборови како да го опишам ова што го правиме. Тоа е едноставно – неописливо! Па во овој тим никој не веруваше. Никој не веруваше во Вардар, ниту еден, а сите едвај чекаа кога Вардар ќе падне. Наместо тоа, ние покажуваме дека овој тим има феноменален потенцијал, многу силен карактер. Ова што го правиме не се опишува, не се опишува какво семејство сме станале, колку сите еден за друг гинеме“, вели Гачевски.

Кога е потребно е брилјантен, брани буквално сè што ќе му шутнат, ама има мечеви кога толку сигурно делува дефанзивата, па во овие десет меча без примен гол – нема преголема работа.

„Овие десет меча со 'чиста мрежа' не се само моја заслуга. Заслугата е на целиот тим. Јас ги гледам сите десет, сите тие гинат, гинеме еден за друг, така функционираме, сите заедно. Има мечеви кога немам 'многу работа', ама сето тоа е тимска заслуга. Едноставно така функционираме и јас како капитен можам само да кажам – секоја чест на овие момци.

Многумина очекуваа и дека после поразот и елиминацијата од Купот во меч со многу инциденти во Тетово, психолошки лошо ќе се одрази на тимот, како што се случи лани во двата дуели што практично решаваа за титулата (фантомски гол за Шкендија, па поништен чист гол за Вардар), ама...

„Тоа што се случи во Тетово го заборавивме, тоа таму беше жал за макеоднскиот фудбал, ама овој тим има силен карактер. Тајна на успехот? Тука е во соблекувалната, во таа фантастична атмосфера. Сега не чека Струга, не сакаме тка да застанеме, зашто имаме зацртано цел и одиме кон неа“, додава Гачевски, потенцирајќи дека од овој тим на Вардар мора да има повеќе репрезентативци на Македонија.

„Од овој тим на Вардар четворица-петорица мора да играат за репрезентација. Тоа сите го гледаат!“, заврши Гачевски.