ФФМ се слушаме? Три милиони евра за црногорските клубови од нивниот Сојуз!

Додека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) „ги штеди“ своите милиони евра, а клубовите во земјава не знаат како да врзат крај со крај не само за актуелната сезона, туку и за следната, црногорската легенда Дејан Савичевиќ, претседател на фудбалскиот сојуз во својата земја (ФСЦГ) покажа како се работи во фудбалот во овој кризен период и на клубовите ќе им подели – три милиони евра!

Федерацијата во Црна Гора реши да ги помогне клубовите не само за оваа сезона, туку и за следната и тоа не само прволигашите, туку и второлигашите, нисколигашите, како и клубовите во женски фудбал и футсал. Севкупно, ФСЦГ ќе одвои неверојатни три милиони евра и ќе ги распредели пропорционално, па прволигашите ќе добијат најмногу пари, а нисколигашите најмалку.

Секој прволигашки клуб, вкупно десет, во Црна Гора ќе добие 105.000 евра и тоа 25.000 евра се пари за да се дозаврши оваа сезона, а уште 80.000 евра за следната сезона. Второлигашите ќе добијат вкупно 55.000 евра, од кои 15 илјади за оваа сезона, а 40 илјади за следната. Нисколигашите, вклупно 25, ќе добијат по 5.500 евра и тоа 1.500 евра за оваа и 4.000 евра за следната сезона. Плус пари ќе има за женскиот фудбал и футсалот.

Останува сега прашањето, што прави ФФМ, која за половина месец од својот буџет има трошоци само за плати за својата администрација и за што ги штеди парите, особено што во овој период доби пола милион евра од ФИФА, а во најава имаше дека УЕФА ќе ѝ додели 4,3 милиони евра од хет-трик програмата и остана сама да реши како ќе ги потроши парите и за што во овој период на криза.

Досега ФФМ најави само дека на клубовите ќе им додели пари од „солидарен фонд“, кои се пари што УЕФА секоја година ги исплаќа со стиктна намена да се поделат на клубовите за развој на младинскиот фудбал. Бидејќи овие пари секако им следуваат на клубовите, практично за овие два ипол месеци, ФФМ не направила ништо околу евентуална помош, па може сега ќе им текне нешто да направат и да се разбудат, како што тоа го сторија со изработка на протоколот за продолжување на фудбалот.