ФФМ побара брзи тестови од министерството за здравство за да продолжи фудбалската сезона

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) побарала од вчера од комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да им се одобрат брзи тестови, кои чинат најмалку трипати поевтино од актуелните тестови на коронавирус, за да може да продолжи фудбалската сезона во Првата лига и во Вторите лиги, откако редовното коло закажано за викендов беше одложено.

ФФМ ги одложи сите фудбалски настани за овој викенд, откако денеска стапи на сила новиот општ протокол за одржување на спортски настани, според кој се бара задолжително редовно тестирање пред секој меч на клубовите, со тоа што целиот трошок ќе падне на клубовите, нешто што е буквално прескапо, земајќи го в предвиде дека во просек тестирање за едно лице чини – 50-на евра.

Поради овој општ протокол, ФФМ побарала од комисијата за здравство да им се одобрат брзи тестови, за фудбалската сезона да продолжи веќе од следниот викенд за кога е презакажана рундата што овој викенд требаше да се игра. Според најавите од ФФМ, ваквото тестирање на клубовите, нема да чини повеќе од 20-на илјади денари по клуб, а во почеток трошоците ќе ги покрие ФФМ, а потоа таа обврска за секое коло би требало да ја имаат клубовите, што би значело дека месечно ќе треба да одвојат до 100.000 денари за тестирања.

„ФФМ уште вчера испрати допис до комисијата за заразни болести за да се одобрат брзи тестови, со кои фудбалската сезона би продолжила нормално да се одвива. ФФМ на почеток би ги покрила тие тестови, а потоа тоа би било обврска на клубовите, но не повеќе од 20.000 денари би чинело тестирање по клуб“, велат од ФФМ.

Сега останува на комисијата за заразни болести да реши за ова барање, па затоа сезоната е прекината само на сезум дена, со презакажување на колото за идниот викенд на 7 и 8 ноември, со надеж дека брзо ќе се договорат со министерството за здравство и фудбалот би продолжил да се игра.

Во друг случај, ако сето тоа не излезе како што треба, фудбалската сезона практично би влегла во локдаун речиси до март, зашто за месец и половина ќе заврши есенскиот дел од сезоната, а потоа ќе следува скоро два ипол месечната зимска пауза.