ФФМ - не биди ѓубре! (ФОТО)
Веројатно „првата македонска метла“ со својата војска ќе треба да помине и во Ново Лисиче во комплексот на Фудбалската федерација на Македонија, каде што веќе подолго време вирее вистинска депонија на трибините и терените каде што се игра Детската лига на ФФМ. Дечиња од осум до 12 годишна возраст секој викенд ги играат натпреварите од ова натпреварување и секојпат ситуација е сѐ поужасна.
Настрана некултурата на гледачите (читај: родителите) кои се воглавно најголем дел од публиката, но како може организација со годишен буџет од безмалку 10 милиони евра и над 100 вработени да не се погрижи да го исчисти комплексот од неколкуте милиони отпушоци, илјадниците кеси и шишиња, кои се оставени таму да гнијат со години. Каква порака се праќа на новите Елмасовци, Пандевци, Бардиевци, на кои сликата веќе им е нормална, па неретко дечињата ги шутираат отпадоците како фудбалски топки.
А и не ќе е лошо да се постават корпи за отпадоци (нема ниту една!!!) иако тука во викендите дефилираат илјадници луѓе. Или се чека да паднат првиот посериозен снег, па отпадоците да се пикнат „под тепихот“?