Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) направи срамен потег за жалење со новиот скандалозен календар за 2022 година на кој нема место поединечно да се истакнат доскорешниот капитен и икона на националниот тим Горан Пандев и поранешниот селектор Игор Ангеловски, како едни од клучните фудбалери од магичната фудбалска 2021 година со настапот на Македонија на Еуро 2020, епската победа во Германија како најава за кулминацијата со пласманот во мундијалскиот бараж.

Ниту рекордни 122 настапи, ниту рекордни 38 гола, ниту фактот дека нѐ однесе на Европско првенство, а таму го даде првиот гол за Македонија на големите натпреварувања не се доволни за доскорешниот капитен со дводецениски стаж во националниот дрес да се најде на календарот на ФФМ, само зашто во изминативе 12 месеци, „Гранде Мачедоне“ жестоко распали за неработењето на актуелното раководство во куќата на фудбалот предводено од Муамед Сејдини.

Ова не е првпат ФФМ да го игнорира Пандев, па неговите сто гола во Калчото не беа одбележани од страна на Федерацијата, а за заминувањето во репрезентативна пензија не доби ни едно „благодарам“ од ФФМ макар и со кисели насмевки.

За Ангеловски изоставувањето не е ни изненадување, поради ептен затегнатите односи во изминатите година ипол, поради кои дури излезе и скандал летоска со „интервенциите“ за негово бришење од химната за Еуро 2020, како што сведочеа Пандев и Илија Несторовски, па двоецот на календарот за 2022 година ги има само на групната фотографија во Букурешт, пред стартот на дебито на континенталниот шампионат.

Недоволна е за ФФМ ни епската победа во Германија со 2-1, светското чудо кое одекна силно во светскиот фудбал, зашто „панцерите“, инаку најтрофејна европска земја, првпат по 20 години загубија мундијалски меч, а само третпат во 90 годишната историја. Ама фотографија од таа победа на календарот – нема!

ФФМ избегна и да организира избор на најдобрите за 2021 година со образложение догодина дека ќе „направи нешто“, ама очигледно кулоарските муабети дека сѐ е само за да се избегне давањето признанија за Пандев и Ангеловски се најголема причина, без оглед на сите деманти што доаќаат од куќата на фудбалот.

Ова е календарот по месеци што ФФМ веќе го изработи.