ФФМ чека правосилна судска пресуда за Башкими, дури потоа ќе следи евентуална казна!

Екипата на Башкими го осигура прволигашкиот статус во минатото првенство, но дали и следната сезона ќе игра во фудбалската елита ќе зависи од судската постапка по обвинувањата за местење натпревари, која е иницирана од УЕФА, по што дејствуваат луѓето од ФФМ и од државата.

Кумановци се најдоа во центарот на скандал пред крајот на предминатата сезона, кога излегоа обвинувања дека го купиле натпреварот против Кожув, кој им помогна да го обезбедат прволигашкиот статус. Подоцна, името на Башкими се најде на дописот од УЕФА до ФФМ за дури три сомнителни натпревари и тоа против Шкендија, Струга и Вардар Неготино.

„Секогаш кога има натпревар кој е сомнителен, ние добиваме допис од УЕФА. Никогаш не дејствуваме сами, тие дописи стигнуваат во рок од 72 часа и во нив ги има сите детали прецизно објаснети за сите сомнежи. Според правилата, ние сме должни да ја информираме МВР и комесарот кој соработува со оделот на УЕФА за интегритет. За Башкими како што сум информиран, процедурата е дојдена до суд со сите имиња и презимња, станува збор за пет-шест лица против кои има отворено постапки. Ние можеме да преземеме дејствија кога ќе има правосилна пресуда. Тоа е што ние го знаеме и затоа додека нема правосилна пресуда Башкими ќе се натшреварува таму каде што е според резултатите. Со оглеф дека пред две-три недели е во суд значи дека ќе трае и во подолг период. Инаку, има и останати натпревари кои биле сомнителни во изминатиот период и за кои имаме дописи“, изјави првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.