
ЕКСКЛУЗИВНО: Групацијата Џевахир го купува ФК Работнички!
Групацијата Џевахир има големи амбиции со Работнички. Екипата многу бргу треба да се врати во врвот на македонскиот фудбал, да се брка шампионската титула и дебармаалци повторно да играат важна улога во Европа, пред сѐ, да се обезбеди пласман во групната фаза во европските купови од која финансиски бенефит би имал клубот.
Работнички ќе биде вториот македонски клуб кој годинава ја менува сопственичката структура, откако пред неполн месец италијанско-американскиот холдинг „Брера“ за 600.000 евра ја купи Академија Пандев и почна со процесот на ребрендирање и промени во организациската структура, исто така со силни амбиции да се нападне титулата и пред сѐ да се излезе во Европа.
„Романтичарите“ во изминативе години се далеку од врвот, а во последнава сезона дел од мечевите не ни ги играа на Националната Арена, па со доаѓањето на новите газди, најавите се дека бившиот македонски првак повторно сите мечеви ќе ги игра на нашиот најголем стадион.
Засега сигурно е дека Милан Илиевски ќе остане тренер и ќе ги води „романтичарите“ и во новата сезона, а до стартот на подготовките закажани за пред крајот на месецов ќе бидат познати и засилувањата со кои дебармаалци ќе треба да играат многу поважна улога во домашната елита.
Работнички веќе шест години е само просечен прволигаш, откако во 2016 година четврти и последен пат освои трофеј (Купот на Македонија) и играше важна улога во европските натпревари со плејоф во Лига Европа, а до 2017 година според рејтинг беше најдобриот македонски европретставник. Подоцна, најтрофејниот Вардар ги надмина со пласманот во групите во Лига Европа една година потоа.
Скопскиот тим е четирикратен првак од 2005, 2006, 2008 и 2014 година, а четирипати го освои и Купот во 2008, 2009, 2014 и 2016 година. Во Европа еднаш играше последна фаза од квалификации за пласман во ЛШ, а двапати дојде до плејоф за пласман во Лига Европа.