Додека се чека спас, долгот на Вардар само за данок стигна – 640.000 евра!

Додека се чека спасот на најтрофејниот македонски клуб Вардар, кој сѐ уште не ги ни почнал подготовките за новата сезона на 12 дена до почетокот на пролетниот дел, долгот само за данок на црвено-црните веќе стигна до 650 илјади евра и тоа заклучно со 30 септември 2020 година. 

Вардар од поодамна е во тешка финансиска ситуација со блокирана сметка, а црвено-црните според последниот извештај на Управата за јавни приходи (УЈП) за неплатен данок се сериозно заглавени со долг од 40 милиони денари (640.000 евра) и тоа заклучно со крајот на третиот квартал до 30 септември лани.

Бидејќи во Вардар ништо не е подмирено, за очекување е дека овој долг е уште поголем, а сето тоа ќе излезе откако ќе се процесуираат и долговите на клубот кон УЈП за последниот квартал, па сумата секако дополнително ќе порасне за најмалку 100 илјади евра, ако не и повеќе.

Листата на должници кон УЈП може да ја погледнете ТУКА.

Црвено-црните во јуни лани имаа блокираната сметка за 3,65 милиони евра, иако после оставката на управата и директорот Самоил Симев, тој тврдеше дека реалниот долг на клубот е 2,4 милиони евра и тие пари треба да ги подмири рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, но од такво нешто нема ама баш ништо.

Сите рокови од поодамна се поминати, па сега останува обидот за спас со привремена деблокада на сметката за да се искористат ваучерите и тимот што е останат да почне со мини-подготовки, а во меѓувреме навивачите со акција за купување на карти се обидуваат да помогнат за дополнителен влез на пари за да се истурка некако пролетва.

Вардар бодовно е во мирни води, но низа лоши резултати може да го доведат во грчевита битка за опстанокот, зашто македонските екипи веќе привршуваат со главната фаза од подготовките, а црвено-црните уште не ни стартувале. Колку проблематично ќе биде доигрувањето на сезоната, со прекратки подготовки, покажа и летоска кога во „пет до 12“ се скрпи тим, па тој дури после пет кола почна да заличува на нормален тим. Но, сега, проблемот е што пролетва ги очекува помал број на мечеви, само 13 во однос на есенските 18 од оваа сезона.