Динамо пикира 18-годишен младински репрезентативец на Македонија

Најтрофејниот хрватски клуб Динамо Загреб има долга традиција со македонски фудбалери, нашиот поранешен репрезентативец Аријан Адеми беше најтрофеен играч во историјата на „модрите“, а по неговото и по заминувањето на Стефан Ристовски, загрепчани повторно би можеле да имаат еден играч од земјава.

Станува збор за членот на Беса, Адмир Љатифи кој утре полни 18 години, а во новата сезона би можел да го облече дресот на Динамо. Тој е веќе стандарден репрезентативец во У18 и У19 селекциите на Македонија и во Динамо сметаат дека му претстои блескава иднина.

Игра на крилните позиции, производ е на школата на Македонија Ѓорче Петров каде лани дебитираше во сениорска конкуренција, а во летото 2024 се пресели во Беса. Минатата година, како играч на Македонија ЃП заигра во пријателски дуел со Динамо и постигна гол, па уште тогаш го привлече вниманието на тамошната фудбалска јавност и менаџментот на загрепскиот клуб.

Иако сезоната ја заврши со 16 години, Љатифи веќе има над 40 настапи во сениорска конкуренција, односно во Првата лига и Купот на Македонија.