Дербито Вардар и Шкендија ќе ја отвори сезоната в сабота во Тетово

Првиот чин од шампионската пресметка во новата сезона помеѓу двата најдобри и најмоќни македoнски клубови, Вардар и Шкендија ќе се одигра в сабота од 17 часот во Тетово, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го прифати барањето на двата клуа за мечот да се одигра ден порано од предвиденото поради настапот на двата црвено-црни табори во плејофот во квалификациите за Лига Европа.

Прволигашката сезона требаше да стартува в недела на 13 август, но Вардар и Шкендија ги очекуваат мегапресметките со Фенербахче и со Милан во послендната квалификациска рунда, па поради тоа двата тима побарале од ФФМ да го одиграат мечот ден порано, па со тоа практично и двата најдобри тима од минатата сезона и ќе ја отворат новата сезона. Сите останати мечеви од првото коло ќе се одиграат в недела.

И оваа година, како и во претходните две, Вардар и Шкендија ќе се судрат на самиот старт, откако претходно ждрепката ги спојуваше да играат во второто коло на почетокот на првенството. Во оваа есенска полуетапа, според распоредот, двата црвено-црни табори ќе се судрат трипати, а на пролет само еднаш.

Вардар на 17 август во Скопје ќе го дочека Фенербахче, а Шкендија истиот ден ќе му гостува на Милан. Скопските црвено-црни се трипати по ред шампиони на Македонија, а Шкендија исто толку пати ја освојуваше вицешампионската титула.