
Дашмир Елези меѓу 60-те најголеми светски таленти од новата генерација според Гардијан (ФОТО)
Англискиот весник од 2014 година избира секоја година по 60 најголеми светски таленти и досега во ниту еден избор немало фудбалер од Македонија, иако во изминатиов период на сцената се појавија играчи како Енис Барди, Елиф Елмас, па и Давид Бабунски кој беше произвор на барселоновата „Ла Масија“, па Елези е прв што влегува во ваков избор на угледниот весник на Островот.
Офанзивецот на тетовска Шкендија е роден во Тетово на 21 ноември 2004 година, а еден ден откако наполни 16 години, на 22 ноември лани се запиша во историјата на македонскиот фудбал како најмлад дебитант и притоа даде гол на своето деби на сениорски план.
„Ја носи деветката, но многу подобро се снаоѓа како крило, а може да игра добро и со двете нозе, или како втор напаѓач. Брз, агилен, интелигентен со топка и атрактивен за гледање, нима одлична техника и изгледа посебно опасен во напаѓачка транзиција. На 16 години и еден ден дебитираше на сениорски план и даде гол. Оттогаш има 30 меча за својот клуб, иако има простор за уште поголем напредок“, пишува „Гардијан“.
Моментно Елези на трансфер-пазарот според најпознатата интернет-страница „Трансфермаркт“ вреди 250.000 евра и прашање само на време е кога ќе направи трансфер во странство.
Од регионов, покрај Елези во изборот на „Гардијан“ на 60-те најголеми светски таленти има уште осум фудбалери со голем потенцијал и тоа Александар Кахвиќ (БиХ), кој игра за Црвена Звезда, Никола Илиев (Бугарија) од Интер, Марко Бркљача (Хрватска) од сплитски Хајдук, Каталин Вилтулар (Романија) од Лече, Самед Баждар (Србија) од Партизан, Бурак Инче и Емре Демир (Турција) од Алтирниду односно Кајзери, како и Јоргос Куциас (Грција) од ПАОК.