Човекот што ја „создаде“ Академија Пандев продолжува во Кувајт!

Поранешниот тренер, спортски директор и долгогодишен координатор на сите селекции во Академија Пандев, Југослав Тренчовски, кариерата ќе ја продолжи во кувајтскиот прволигаш Ал Араби.

Творецот на „академците“ од Струмица ќе работи како главен тренер на младинскиот тим на оваа екипа, а ќе биде и технички директор на сите возрасни категории почнувајќи од 15 години.

„Условите за работа тука се одлични, а тренираме само навечер под рефлектори поради високите денски температури Моја цел ќе биде да ја реализирам клупската стратегија за што поголем број фудбалери од младинскиот погон кои во иднина би биле дел од сениорската екипа, каде што во моментов има дури петмина младинци. Ал Араби, всушност, е Југославија во мало, со оглед што тренер на првиот тим е Хрватот Анте Мише, кој има тројца сонародници за помошници, а во младинскиот сектор, пак, работат тренери од БиХ и од Црна Гора. Ќе се обидам да помогнам во остварување добро пласмани во младинските категории, но главна цел ќе ни биде подигнување на физичките и тактички перформанси на талентираните деца“, изјави Тренчовски.

Поранешниот предводник на „пандевци“ во кувајтскиот тим ќе остане до крајот на сезоната, со можност соработката да биде продолжена на уште една година.