Чекаат да го спаси Вардар, а тој замина на таен меден месец!

Додека во Вардар се крстат во бугарската легенда Благој Георгиев за да дојде и да го спаси клубот од пропаст, контроверзниот фудбалер и кај источниот сосед познат како голем љубовник, заминал на меден месец и тајно се оженил со русокосата убавица Златка Рајкова, открија бугарските медиуми.

Георгиев уште во минатата недела требаше да дојде во Скопје, наводно за да се заврши целата постапка, која се најавуваше како спас за клубот од комплетна пропаст. Но, Георгиев го одложил доаѓањето, па наместо кон Скопје се упатил во Банско на меден месец. Таблоидите не знаат како се случил бракот, ама го „фатиле“ Георгиев преку социјалните мрежи откако Златка на Инстаграм објавила заедничка фотографија и посочила тагови – сопруг и меден месец.

Георгиев и Златка биле во врска од поодамна, а како што пишуваат таблоидите, во план им било да се венчаат во Дубаи, но коронакризата ги спречила. Инаку Георгиев има четири деца од три бракови досега.

Бугарската ѕвезда, кој е бивш фудбалер на Славија Софија, Црвена Звезда, Дизбург, а потоа голем дел од кариерата ја мина во Русија, преговараше со актуелното раководство на Вардар за преземање на клубот како претставник на источноевропски конзорциум, по што бугарски медиуми открија дека богаташи од Чеченија стојат зад него (Георгиев играше во Терек, сегашен Ахмат Грозни).

Ситуацијата со спасот на Вардар од страна на Георгиев во моментов не е помрдната од мртва точка и прашање е дали воопшто нешто ќе се случи околу тоа.