Бугаринот Георгиев уште пред два месеци најавил преземање на Вардар!

Поранешниот бугарски репрезентативец Благој Георгиев уште пред повеќе од два месеци го најавил преземањето на најтрофејниот македонски клуб Вардар, откривајќи за бугарските медиуми во март дека е во преговори за да раководи со клуб од соседството.

Георгиев вчера имал состанок со извршниот директор на црвено-црните Самоил Симев, на кој бил и поранешниот ракометен репрезентативец Наумче Мојсоски, но преговорите очигледно траеле од поодамна, зашто бугарската ѕвезда уште на 14 март најавил дека е во ек на разговори за да преземе и да раководи со клуб од соседството.

„Имам сериозни амбиции и веќе имам разговори. Станува збор за силен тим, кој игра во Лига Европа и е многу близок до нас. Но, коронавирусот нѐ спречи целата работа да се заврши до лето. Нема да играм таму, стар сум, но ќе го раководам клубот. Ќе сменам многу, прво од дисцилината, зашто без неа ништо не може. Но, истовремено сакам и шоу на теренот, бидејќи тоа привлекува луѓе на трибините. Прашање е зошто не преземам бугарски тим? Едноставно ми предложија во странство, отидов и се убедив дека тоа е мојот тим“, изјавил Георгиев во шоуто на Николаос Цитиридис.

Георгиев, наводно, е претставник на конзорциум од компании од Источна Европа, кои биле заинтересирани за Вардар, а тој се поврзуваше со Вардар уште во 2018 година кога Сергеј Самсоненко првпат објави дека се повлекува од фудбалскиот клуб, по елиминацијата од Пјуник.

Вардар во моментов се наоѓа во тежок период зашто досегашниот газда Самсоненко на 15 мај објави дека се повлекува и дека го враќа клубот на град Скопје, а долгот од два милиони евра е пречката поради која виси лиценцата и за оваа европска сезона, иако црвено-црните се блиску до шампионска титула. Наводно на Георгиев и луѓето зад него, им се брзало да го преземат клубот и да се обидат да ја обезбедат лиценцата, иако сите рокови се пробиени и речиси невозможно е да се направи такво нешто.