Брера Струмица ќе ја води тренер со искуство од Милан и Јуве!

Италијански стратег со искуство како тренер во Милан и Јувентус, но и како помошник во младински категории на Италија, ќе биде новиот тренер на Брера Струмица, ребрендираната Академија Пандев откако италијанско-американската компанија „Брера Холдинг“ неодамна го купи струмичкиот клуб.

Станува збор за Џовани Валенти, 47-годишен тренер, роден во Бреша, чија последна работа до лани му била тренер на младинскиот погон до 18 години на Парма, а претходно бил помошник селектор прво во селекцијата на Италија до 19 години, а потоа до 20 години.

Претходно, Валенти работел во младинската школа на великанот Милан од 2010 до 2012 година, па во младинскиот погон на Бреша од 2012 до 2015 година, а од 2015 до 2019 година бил дел од младинскиот погон на најтрофејниот италијански клуб Јувентус.

Валенти е тренер кој преферира систем на игра 4-3-2-1 и е тренер кој поради биографијата сака да работи со млади, што се поклопува со проектот на Брера да форсира млади фудбалери и Струмица да биде центар на мрежата на клубови од целиот свет, од каде што најголемите таленти ќе доаѓаат во Македонија, а потоа ќе се пласираат на европскиот пазар.

„Брера Холдинг“ ја купи Академија Пандев за 600.000 евра пред еден месец и веќе најави дека струмичкиот клуб ќе биде основа на проектот, со најава за силна инвестиција и амбиција веќе во новата сезона да се биде меѓу првите три за да се обезбеди излез во Европа, а потоа да се нападнат богатите награди на УЕФА за учество.