Брера го објави купувањето на Академија Пандев!
Тоа што македонската икона Горан Пандев веќе го најави дека Брера влегува во Академија, посочувајќи од Њујорк после официјалното излегување на берзата дека брзо ќе се заврши проектот со неговиот струмички клуб, сега Холдингот со седиште во Р. Ирска официјално го објави „писмото за заинтересираност и целиот процес треба да заврши до крајот на првата половина од годинава.
„Ова е примерот на Брера Холдингс за имплементација на својата меѓународна стратегија, која паралелно ќе форсира ширење и промоција на брендот Брера ФК во Источна Европа. Со купувањето на Академија Пандев и ребрендирањето во Брера планот е да се зголеми тимскиот напредок, а местото е идеално за да се подготват фудбалерите за меѓународниот пазар и да се остварат приходи од настапите во УЕФА“, објави извршниот директор, Серџо Скалпели.
Пандев во 2010 година ја основаше Академија, прво како младинска школа, а потоа и со сениорски тим, кој во 2019 година го освои Купот на Македонија, а минатата сезона беше виепрвак. Пандев е независен член на Бордот на директори на „Брера Холдингс“. Пандев е калчолигашка икона со безмалку 500 настапи во Серија А и сто гола во италијанската елита и единствен Македонец кој дал над сто погодоци во некоја од најсилните лиги на светот.
„Многу сме среќни што продолжуваме да соработуваме со Горан Пандев и со неговиот клуб формиран во 2010 година, а и со тоа што Брера ќе го донесе како наследство во Македонија. Веруваме дека ваквите мали клубови во мали земји имаат мали оперативни трошоци, со значителни заштеди на ресурсите, кои инаку се потребни за пристап до големите премии во европскиот фудбал“, посочи Алесандро Алеоти, главниот стратешки оперативец.
Тоа што е познато од поодамна, Струмица ќе биде центар на проектот на Брера, која во следниот период за почеток ќе купи клубови во мрежата под нејзина капа во Мозамбик, Гана и Аргентина, а најталентираните фудбалери ќе доаѓаат во Македонија и потоа ќе се пласираат на европскиот пазар.
„Со влегувањето на Брера во Академија ќе ја олесниме размената и ќе го отвориме трансфер-пазарот за други клубови од Африка и Јужна Америка, особено за играчи на возраст од 18 до 21 година. Овој клуб ќе може да се пријави за најголемите и најважните младински турнири, како што е Вијареџо, а таму ќе може да се натпреварува против врсниците од големи клубови, а тоа е најдобра можност за промоција на младите фудбалери и со огромни можности потоа на трансфер-пазарот“, додава Скалпели.