Аврамовски: Уште на подготовките знаев дека во овој Вардар има нешто!

Вардар по две години повторно е есенски првак, на пол-позиција за на пролет да освои нова шампионска титула, а актуелниот „прежален“ тим во оваа прва полусезона покажа дека има квалитет заверувајќи го првиот дел од сезоната со осум бода пред најголемиот ривал Шкендија. Еден од лидерите на екипата на теренот е тазе репрезентативецот Даниел Аврамовски, првиот стрелец во Првата лига со десет гола (есенва даде вкупно 11 сосе мечевите во Купот), кој блесна во изминативе пет месеци и заслужено е – најдобар фудбалер во домашната елита.

Аврамовски беше дел од златната младинска генерација која играше на Евро 2017, а откако дојде во Вардар зимоска, се „врати во живот“ после интернационалните авантури и на теренот е човек кој во офанзивата зависи сè – дали ќе даде гол, ќе асистира или ќе навлече фудбалер(и) за да отвори простор за соиграчите. Есенва ја завршува со 11 гола и пет асистенции, а ако се земе само во прволигашката конкуренција директно бил виновник за 15 голови од вкупно 28-те што Вардар ги даде во 18 кола. Или повеќе од 50 отсто биле негово дело.

„Откако дојдов во Вардар го кренав нивото на игра најмногу со континуитетот на мечеви, а и со чесна работа, со голема посветеност и пред сè со помош на соиграчите, тренерот, сите кои се во стручниот штаб, потоа на мојата сопруга и семејството... Сите тие ми помогнаа многу брзо да се прилагодам и да го постигнам овој успех што го направив во оваа полусезона. Се надевам дека можеме да го кренеме нивото на целата екипа уште повисоко, а со тоа и да го кренеме индивидуално нивото на секој играч“, вели Аврамовски.

Уште пред да почне сезоната, после забраната за Европа од УЕФА, па суспензијата за трансфери од ФИФА, овој Вардар беше „прежален“. Уште повеќе кога почна сезоната со воведниот пораз од Македонија ЃП, па ремито без голови со Борец, но...

„Јас секогаш сум бил скомен, ама уште пред стартот на сезоната кога ги игравме тие подготвителни мечеви знаев дека овој тим има – нешто! Овој тим има талентирани момци, кои се млади, има искусни играчи кои се голем квалитет и знаев дека имаме голем потенцијал. Првото коло ни беше лош ден, второто игравме добро, но не успеавме да дадеме гол и кога почнавме од третото знаев дека на крајот ќе направиме успех. Ова прво место е очекувано, неочекуваното е што е со толку голема разлика. Морам да кажам дека презадоволни сме од тоа што го одигравме во есенскиот дел и се надевам дека ќе продолжиме со момците да играме во втората полусезона. Млада екипа сме, помалку неочекувано е сето ова зашто никој не веруваше во нас, но ете имаме осум бода предност. Ние самите најмногу верувавме во себе, навивачите и луѓето кои се во клубот, исто така и сега останува само вака да продолжиме по нашиот пат“, додава Аврамовски.

Вардар на пролет ќе влезе со осум бода пред најголемиот конкурент, ама ќе влезе и за шест месеци позрела екипа, иако воглавно овој тим на Вардар е исклучително млад, со тројца искусни Гачевски, Новак и Брдаровски, со фудбалери во зрели години како Најдовски и Мицевски, Тошевски и со многу млади и екстра талентирани деца. А, самиот Аврамовски кој е еден од поискусните пред само две години беше младински репрезентативец и играше на Евро 2017.

„Јас не сакам да прогнозирам пред време, само може да кажам дека сме среќни со оваа разлика. Предноста е добра, но нема опуштање. Има уште мечеви да се играат, треба уште многу работа за да стигнеме до посакуваната цел – титула. Таа мора да ја заслужиме. Овој тим може уште повеќе. Со добри подготовки со ист пристап, ако не и уште посериозен пристап, со сега поискусни фудбалери за 15-16 меча во просек за секого, можеме уште многу, многу да напредуваме и да постигнеме уште поголеми успеси“, посочува Аврамовски.