Аврамовски блесна со два гола и асистенција - Вардар е есенски првак!

Најдобриот фудбалер во Првата лига, репрезентативецот Даниел Аврамовски, со два гола и една асистенција попладнево ја завери есенската титула за најтрофејниот македонски клуб Вардар, кој со 3-0 славеше на гостувањето во Струмица кај Академија Пандев.

На едно коло пред крајот на есенскиот дел, Вардар влегува со големи осум бодови предност пред Академија Пандев и Шкендија како директни ривали за круната, а денеска вардарци само ја продолжија одличната традиција против струмичкиот тим, па и во десеттиот меѓусебен меч освоија бодови со шести триумф откако овие два тима се ривали во Првата лига.

Ретко кој веруваше пред стартот на сезоната, а особено со стартниот пораз од Македонија ЃП дека Вардар е кадарен за битка за круната, ама на коло пред крајот црвено-црните покажаа дека имаат и потенцијал и карактер и сила да се изборат за такво нешто, заверувајќи ја денеска есенската титула.

Аврамовски постигна по еден гол во двете полувремиња и тоа во моменти кога беше најпотребно. По десет минути од стартот на мечот, со глава ја отвори Академија Пандев по центрашутот на Кристијан Тошевски, а потоа кога струмичани во вториот дел имаа блага иницијатива во полувреме без шанси, точка на победата стави репрезентативецот со втор гол во 69-та минута по асистенција на Џемал Ибиши, реализирајќи со прецизен удар од шест-седум метри.

Аврамовски со двата гола стигна до 11 погодоци сезонава и е најдобар стрелец во прволигашката конкуренција, само за да потврди дека се врати во формата која ја посакува.

За да не остане на тоа, членот на златната младинска генерација која играше на Евро 2017, а минатиот месец дебитираше за А-селекцијата, на две минути пред крајот му асистираше на Владица Брдаровски за убедлив триумф на црвено-црните.

Вардар со оваа победа се врати на победничкиот колосек по три меча без триумф, па сега во најдобар момент го дочекува својот најголем ривал Шкендија идната недела во Скопје во вториот чин од дербито за титулата со што ќе се спушти завесата на есенската полусезона. Победа за Вардар би значело огромни 11 бода зимница пред продолжението на сезоната во средината на февруари.