„ФФМ со премии чисти коцкарски долгови, селекторот се тепа со публика, шетаат анонимци ко туристичка агенција...“

Пред девет месеци Македонија живееше во мундијалска еуфорија после чудесната победа во Палермо и само еден чекор до остварување на сонот за настап на едно Светско првенство, но од тие мартовски баражи, црвено-жолтите наместо кон подобро, тргнаа кон полошо со резултатите во последниот циклус за Лигата на нации, натпреварувањето преку кое ланското лето првпат игравме на големо натпреварување, на ЕУРО 2020.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

И додека штотуку завршениот Мундијал покажа дека денеска сите играат фудбал и напредуваат, назадувањето на Македонија е болна точка зашто доаѓа после еден извонреден период.

После најновиот грандиозен успех на Хрватска со втор медал по ред на Мундијалите, сега бронзен после среброто пред четири ипол години, главното прашање е како Хрватска успева да има континуитет, а ние не успеваме?

Меѓу најповиканите да даде одговори е и екс-селекторот Игор Ангеловски, човекот кој ја однесе Македонија на едно Европско првенство и кој сега живее во Хрватска. А, не така одамна после година ипол од настапот на континенталниот шампионат си замина зашто му заврши договорот со Фудбалската федерација на Македонија, после бурните месец и половина околу новиот договор откако го обезбеди пласманот и натегањата за да заврши со нова шестмесечна соработка.

„Секоја чест за Златко Далиќ и за фудбалерите за тоа што го направија, зашто случајност може да биде да добиете еден меч, ама да играте две полуфиналиња на СП по ред не може да биде случајност. Хрватска покажа уште еднаш дека системот на вредности функционира, но за жал не и кај нас. Наместо ние да го искористиме моментот од настапот на Еуро 2020 и победата со Италија, фудбалот со крупни чекори да ни оди напред, ние со крупни чекори се враќаме назад и тие што го водат фудбалот треба да одговорат зошто е тоа така?“, почнува Ангеловски.

Ангеловски, кој во изминатиов месец беше стручен аналитичар на Спорт 1 за случувањата на СП во Катар, во успесите на Хрватска потенцираше неколку клучни работи за новата историја - стратегијата на Хрватите, паметната работа на федерацијата која не менува тоа што е успешно, посебно истакнувајќи го уделот на Лука Модриќ како лидер и најдобар на сите времиња, чии зборови се слушаат и се ценат. За разлика од ХНС, ФФМ не е ни близу со работата, со залутани фотелјаши кои низ годиниве покажуваа дека личниот интерес е поважен од мотото на ФФМ – фудбалот на прво место.

„ФФМ се претвори во туристичка агенција. Се закажува меч со Саудиска Арабија, затворен, со 11 измени, се руши сè што е градено, ама ним поважно им е да прошетаат до Дубаи, да го наполнат авионот со личности кои не можат ни сметките за патувањето да ги покажат... Наместо да мислат како да го кренат фудбалот и како да фатиме чекор со другите селекции. Но, одговор треба да дадат тие што го водат, иако за жал не се матурирани како личности“, вели Ангеловски, па продолжува:

„Хрватска покажа како ги почитува своите величини за разлика од нас. Замислете на прошталниот меч на Горан Пандев во Амстердам, не најдоа за сходно да ги повикаат семејствата на фудбалерите, а посебно семејството на Горан и неговите деца зашто тоа беше негов последен меч. Ама важно авионот го наполнија со – ноу-нејм имиња. Уште и лажеа дека во Букурешт (првите мечеви на Еуро 2020 – н.з.) биле платени сместувањата за нашите семејства, ама ние ги имаме сметките, сите фудбалери ги имаат сметките дека сами си ги покривме трошоците за сместувањето на нашите семејства. За разлика од разно-разните гости кои беа на трошок на федерацијата и сега не може ни да ги најдат и да ги покажат тие сметки“.

Ако успехот на младата репрезентација со настапот на Еуро 2017 во Полска беше вовед во успешниот период на А-тимот, а и младинските селекции особено таа до 21 година имаа забележителни настапи, со елитни фази во квалификациите, сега младите национални тимови се топовско место, па само годинава едвај една победа со аматерскиот Сан Марино е ефектот на успех, а сè друго порази, меѓу нив и неколку катастрофални.

„Посебна приказна е работата во младите селекции, каде што за две ипол години во 90 отсто од мечевите се изгубени, дел од нив и со катастрофални резултати, а од тие младински селекции треба да се црпат кадрите за А-селекцијата“, вели Ангеловски.

ФФМ во изминатава деценија ја следеа многу скандали, но посебно во изминативе три години откако Муамед Сејдини запоседна на првата фотелја за да го наследи Илчо Ѓорѓиоски, на кого му беше претходно потпретседател. Па излегуваа аферите со делењето премии за УО во екот на најголемиот успех (по 20.000 евра од член на УО), разно-разните привилегии на фотелјашите, а сè подлабокото пропаѓање на домашниот фудбал со кулминација - четврти одзади на УЕФА-листата и загубено место во Европа Лигата од 2024 година...

Посебна приказна е игнорантскиот однос кон Пандев, рекордерот по настапи (122) и голови (38) и разно-разните сплетки што произлегуваат од „кујната на куќата на фудбалот“.

„Тоа делење на премиите мина без капитенот и селекторот, а учествуваше претседателот, па се делеа премии за расчистувања на коцкарски долгови и за жал некои од фудбалерите во репрезентацијата останаа со помалку пари. Пандев замина во пензија, цел свет му се поклони, сите клубови му оддадоа признание, му кажаа благодарам, а само ФФМ беше единствена која ништо не направи. Па, и таа традиција од 30 години со доделувања на награди за најдобрите во годината ја откажаа. Сега се надевам дека годинава ќе ја направат, зашто беше успешна и ќе си поделат награди за победите со Гибралтар. Уште и (рас)кажуваат после моето заминување дека атмосферата во репрезентацијата не била добра, а еве сега нека кажат – каква е атмосферата во репрезентацијата? За да си го затскријат неуспехот сакаа и вината да ја префрлат врз двајца репрезентативци за кои можам да кажам дека секогаш гинеле за Македонија и повредени доаѓале да играат за А-тимот додека бев јас селектор“, потенцира Ангеловски

Македонија во март беше на еден чекор до СП, успеа да го елиминира европскиот првак Италија, ама пред судирот со Португалија, циркузите што претходеа пред заминувањето за Порто, ја „потресоа“ репрезентацијата, посебно со делењето дипломатски пасоши и дочекот, за нешто што не беше комплетен успех, зашто преостана последниот чекор.

„Наместо да се искористи целата таа еуфорија и само да се мисли на Португалија, се правеа квази прослави со седум репрезентативци пред 200 луѓе на некој дочек на плоштад, па следниот ден се отвораше дури и Министерството за надворешни работи за да се дадат пасоши, наместо сета концентрација да биде за мечот со Португалија и Македонија да има настап на Светско првенство. Македонија имала, и во иднина ќе има многу селектори, ама досега ниту еден не отиде да се тепа со навивачи“, вели Ангеловски.

Од успехот на Хрватска, кој во догледно време тешко дека некој ќе успее да го достигне, а уште помалку да го надмине, Ангеловски ја посочи работата на „пи-арот“ на Хрватите, за разлика од македонскиот и комедиите со дресовите што ги направија пред ланскиот настап на Еуро 2020 и траги-комичниот избор на боите, за кои потоа се вадеа дека ги утнала компанијата „Јако“.

„Морам посебно да го истакнам и „пи-арот“ на Хрватска, како максимално професионално си ја одработи целата работа на СП, бавејќи се со најважното, резултатите и позитивната атмосфера, за разлика од кај нас каде „пи-арот“ го водат луѓе со разноразни пороци, се кријат резултати на млади селекции, во две години каде што младинските селекции се во огромен резултатски пад. Но, со такви луѓе лесно се манипулира, а со тоа не се мисли за доброто на фудбалот.

А, кога сме кај „пи-арот“ на ФФМ, сакаа да ги сменат дресовите пред Еуро 2020 и тоа не им успеа, па се вадеа дека компанијата им била крива, а боите на Македонија се заведени во Обединети нации под број и се црвена и жолта. Македонија е уникат зашто уште игра во дресови од 2012 година. Овие дресови се супер, прекрасен дизајн, ама Македонија е единствена во светот што десет години игра во ист дизајн, не сменила дрес откако не успеаја да ѝ ги сменат боите, а сите други менуваат пред квалификации, пред големи натпреварувања“, заврши Ангеловски.