Али Адем преговара со четири клуба: И Бешикташ загриза за „македонскиот Фелаини“!

Младиот вардаров бисер Али Адем е еден од неколкумината екстраталентирани фудбалери, кои оваа есен добија сериозна минутажа и силно ја искористија, па после најавите дека Касимпаша веќе со 200.000 евра го лови фудбалерот за врска, турските медиуми најавуваат дека Адем е мета на четири клуба и меѓу нив великанот Бешикташ.

Според информациите, во неделата на Националната Арена „Тодор Проески“ биле скаути на Касимпаша, Бешикташ, Динамо Загреб и Спортинг Лисабон за да го гледаат Адем, а тој одигра извонредно, пред се во дефанзива, а даде и гол по пеколната контра со Матеј Цветановски за водство на Вардар со 2-1.

Уште од летоска Али Адем се поврзува со трансфер пред се во Турција, а тТурците во него гледат „нов Елиф Елмас“, па посакуваат да го ангажираат, зашто поради финансиските проблеми на Вардар, нема да мора да одвојат многу пари за трансфер. Летоска се најавуваше дека Адем би можел да оди и во Спортинг Лисабон, а сега повторно „лавовите“ го имаат на пик, па се очекува битка за неговиот потпис, особено што и Динамо Загреб има свои планови, а во изминатава деценија „Максимир“ е извонреден за развој на млади фудбалери, кои потоа за многу пари си заминуваат.

Инаку менаџерска агенција на Али Адем е КА-СПорт Менаџмент, чиј менаџер е Рахман Кице и тој за турските медиуми веќе им посочил дека агенцијата која го застапува младиот вардарец веќе е во преговори со четирите клуба.

Останува да се види дали Вардар ќе се обиде со продажба за „солидна сума“ да ја покрие дупката со финансиите, па од школата да најде нов бисер што ќе ја пополни дупката, особено поради неизвесноста дали ќе им биде укината суспензијата за трансфери која се најавува. Адем е 2000-годиште и е еден од неколкуте извонредни вардарови таленти како Џемал Ибиши, Никола Серафимов, Марио Младеновски, па уште помладите Бојан Димовски, Давид Велковски, Леонид Игњатов...