Господа од ФФМ, ако навистина сте за чесност, исфрлете ги Шкендија и Академија Пандев од Првата лига!

Како се ближи крајот на сезоната во македонската Прва лига, така циркузите во очајниот домашен шампионат стануваат се поголеми, па приказните од фудбалската чаршија за разно-разни „шеми“ во кроењето на табелата полека почнуваат да се реализираат. Вчера во 30-то коло Шкендија буквално ѝ подари три бода на Беласица, која само три дена претходно без мака го победи и градскиот ривал Академија Пандев за да дојде на само бод од Силекс во битката за избегнување на директно испаѓање од домашната елита.

Иако струмичката гордост до пред неполни две недели беше „јад и беда“ на фудбалскиот терен, одеднаш стана толку фудбалски моќна, што успеа да победи два од трите најдобри клубови на прволигашката табела, а следен на менито по распоред им е и мечот со второпласираниот Вардар. И така со шест бода од најтешките мечеви, струмичани се вратија во игра, иако до овие два дуели – Втората лига им беше реалност.

Зачудувачки делуваа вчерашните вртоглави паѓања на коефициентот за победа на Беласица против лидерот Шкендија, иако разликата и во квалитет и според табелата е очигледна. Но, тоа што обложувачниците го „најавија“, а во најголем дел мечот и беше тргнат од понудата, на теренот се оствари. Исто како што пред три дена, цела фудбалска чаршија говореше за лесната победа на Беласица против Академија Пандев и тоа се оствари. И во двата случаи, Беласица имаше очаен скор во трите меча сезонава. Со Шкендија имаше три порази со гол-разлика 1-9, а со Академија Пандев беше и полоша – немаше дадено гол. Дојде на ред четвртата пресметка и оп - противниците им истрчаа со „резервни тимови“.

И сега се поставува прашањето, дали Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) воопшто планира да реагира на нешто кое станува веќе со години и децении традиција во домашниот фудбал? Или како и секојпат ќе замижи и на овие циркузијади, само да се истурка сезоната зачинета со многу контроверзи, поплаки, нерегуларности – од признаен фантомски гол, невиден чист погодок, „милион“ клупски соопштенија за судиски неправди, грешки...

Во ФФМ според Статутот постои дисциплински орган, но и етичка комисија. Формирани се за да се справат со „злото на фудбалот“ и тие се први кои треба да реагираат на нефудбалските работи. Тешко е да се сфати, зашто ако нема реакција од нивна страна, како би можеле да замижат на сето ова што се случува? Ако ФФМ е сериозна организација, која постојано се повикува дека ги почитува принципите на ФИФА и УЕФА, особено во делот интегритет на натпреварувањето, за ваквите „шеми“ не смее да има милост, туку само – нулта толеранција. Кој сака нека биде и колку сака нека инвестира во фудбалот! Инвестициите во фудбалот не значат дека некој може да прави што сака и да договара како сака.

Освен што во највисокиот акт на ФФМ пишува дека секоја членка (вклучително и клуб, поединец), мора да се придржува кон интегритетот на натпреварувањето (не смее да прави нефудбалски работи), во членот 140 од Статутот, во делот за етичкиот одбор, кој инаку е составен од пет члена, стои дека е одговорен за мониторинг на фудбалската организација со цел да се спречат нерегуларности. Не треба делегатски извештаи, дополнителни изјави... Има етички одбор, кој едноставно треба да изреагира.

„Етичкиот одбор е одговорен за мониторирање на работата на фудбалската организација во насока за препознавање на нерегуларности меѓу кои: корупција, обложување, недозволено влијание на текот и исходот на фудбалските мечеви, неморални и неетички активности и методи на фудбалската организација. Етичкиот одбор изрекува мерки на сите директно или индиректно вклучени субјекти во фудбалската организација врз основа на овој Статут, етичкиот кодекс на ФФМ, дисцилинскиот правилник на ФФМ и други акти и прописи поврзани со соодветната материја“, стои во членот.

Тетовска Шкендија е актуелен макеоднски шампион, кој ланската титула ја освои со рекордни 35 бода повеќе од вториот Вардар. Сега има плус 9 пред најлутиот ривал, а имаше 12 повеќе пред да го загуби мечот во Струмица. Теоретски титулата не им е обезбедена на тетовци, па зачудувачки е прво одлуката да играат со „втор тим“ во Струмица, иако Беласица до изминатиот викенд беше толку неубедлива, што и втората екипа на тетовските црвено-црни е посилна од таа на струмичани. Но, сепак зачудува одлуката, најголемиот дел од првотимците да добијат одмор, па на теренот да бидат само Егзон Бејтулаи, кој си даде комичен автогол од 30 метри, Самир Фазли, Енур Тотре, а резерви да се Стенио Жуниор и Гледи Мици. Ги нема Мурати, Муслиу, Алими, Агим Ибраими, Марјан Радески...

Од што ги „штитеше“ Ќатип Османи „големите имиња“ вчера попладне - од срам дека мора да се загуби? Како одеднаш првотимите добија одмор и тоа во момент кога кога титулата теоретски не е обезбедена и кога сили нема за што да се штедат (нема друг фронт на кој треба да се истрча)? За разлика од многу други земји, во правилникот на ФФМ не стои дека еден клуб мора да игра со најдобрите што ги има во моментот (без суспендираните, повредените...). Шкендија на старт ја утна со нефер-плеј и неетички потег во однос на сите други македонски прволигаши. Изговорите дека на играчите им требал одмор се провидни и смешни!

Фудбалската чаршија е полна со приказни. Главната е дека по секоја цена Беласица треба да опстане, а колатерална штета ќе биде Силекс. Оваа приказна веќе и Победа како „реакција“ го имаше објавено на својата фејсбук-страница. Ако чаршијата гласно зборува, а веќе сценариото се реализира, што чека тогаш ФФМ? Или до нив ваквите гласини не стугнуваат?

Според дисциплинскиот правилник, под недозволено влијание на исход и тек на натпревар се предвидени жестоки санкции за секој што ќе се обиде да предизвика или оштети интегритет на натпреварување. Во четирите членови за овие дела има наговарање, прикривање, подмитување и договарање. Казните се од 1.000 до 3.000 евра за играч(и) и судии и суспензија од шест месеци до две години (за судии од една до две години), за функционери парична казна од 1.000 до 2.500 евра во зависност од делото и суспензија од една до две години, а за клуб (ако раководството учествувало) од 3.000 до 8.000 евра и одземање на бодови од три до девет. Со тоа што, повторувањето ќе значи за клубот исклучување во најнизок ранг, за судиите и функционерите бришење од фудбалската организација, како и за играчите (во прилог сите членови од сициплинскиот правилник).

Теоретски, ако ФФМ тргне да ги сузбие овие нефудбалски работи, Шкендија експресно треба да добие казна, а со тоа веројатно и загубена титула. Слично и за Академија Пандев, која беше „непоблдлива“ и одеднаш престана да игра, па сега „распродава бодови“. Но, прашање е дали во „куќата на фудбалот“ воопшто некој ќе мрдне со прст за најновиот скандал или како и досега секое чудо за три дена ќе се заборави, на циркузијадава ќе се замижи и топката и понатаму ќе се тркала, а оштетените само бесно и гласно ќе фрлаат дрва и камења без никој да изреагира.

Засега ФФМ ниту еднаш не изреагирала на „сомнителни“ мечеви од домашната елита, ама Македонија барем во Европа е позната како клуб кој најдрастично бил санкциониран за местенка. Прилепска Победа осум години беше избришана од фудбалската карта поради аферата со Пјуник. Само Скендербег од Албанија доби поголема казна од милион евра парично и 10 години суспензија од европските натпреварувања, но без да биде избришан како клуб во тој период.

Со години од ФФМ гласно и јасно викаат дека се за фудбалот, епа господа од ФФМ ако сте за фудбалот, сега машата е во ваша рака – за доброто на фудбалот, Шкендија и Пандев треба да летаат од Прва лига! Па после нека продолжат да играат со втори тимови!