Велковски пред потпис со Анкарагучу – стоперот се договорил со Турците

Македонскиот репрезентативен стопер Дарко Велковски е пред официјализација на трансферот во новиот турски суперлигаш Анкарагучу, објавија дел од турските медиуми, откако доскорешниот дефанзивец на Риека се договорил со новиот клуб.

Според информациите Велковски и Анкарагучу си подале рака и сега останува само ситни детали да се доработат за договорот и истиот да биде потпишан, со што официјално македонскиот стопер ќе стане член на овој клуб.

Велковски кој има 40 настапи за Македонија и три гола во изминатите четири години беше дел од хрватска Риека и си замина како слободен играч, па сега во Турција доаѓа бесплатно. Според најавите тој би требало да потпише тригодишен договор со новиот клуб.

Македонскиот дефанзивец е поранешен фудбалер на Работнички и Вардар, а во минатата сезона во која беше најконстантен во Риека и го одбегнаа повредите кои во првите три години во Хрватска му правеа многу проблеми, одигра 33 меча и даде еден гол со две асистенции.