Тричковски по три меча се врати на теренот и веднаш распука – му даде гол на АПОЕЛ (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски по три меча пауза се врати во тимот на АЕК Ларнака и веднаш постигна гол, погодувајќи против неговиот поранешен клуб АПОЕЛ, но погодокот не беше доволен за АЕК да победи во дербито, иако имаше бројчана надмоќ цел еден час (1-1).

Тричковски влезе на стартот на второто полувреме и 12 минути подоцна постигна гол со глава за водство на АЕК (58- минута), но само 120 секунди траеше радоста на македонскиот напаѓач и неговите соиграчи, па Клонаридис израмни во 60-та минута и практично овие два моменти го решија мечот, а АЕК и АПОЕЛ освоија по бод.

Стефан Спировски не беше дел од составот поради суспензија за картони, како и Даниел Мојсов, за кого медиумите на Кипар објавија дека тренерот повеќе не смета, а денеска излезе информација за пресврт во ситуацијата.

АЕК со ремито сега има 30 бода и остана петопласиран, десет бода зад лидерот Аполон, додека најтрофејниот кипарски клуб АПОЕЛ има ужасна сезона и сега има 20 бода, закотвен дури на 10-то место од 14 екипи во елитното друштво.