Тричковски по новиот гол во Европа: Погодок за самодоверба - верувам дека можеме до плејоф!

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски игра во извонредна голгетерска форма, која ја започна уште во минатата година, па веќе има пет гола досега во Европа (лани даде шест во квалификациите) и повторно беше клучен за АЕК Ларнака која ремизираше вчера со белгиски Гент (1-1) во првиот меч од третото коло во Лига Европа.

АЕК и Тричковски во минатата сезона играа во групите во најмасовното натпреварување, па вчера беа на чекор до пораз и две минути пред крајот Македонецот со глава донесе израмнување и го остави двомечот отворен, да се решава за едум дена во Белгија, кога Кипарците ќе треба најмалку да одиграат реми со повеќе дадени голови за да обезбедат плејоф.

„Ова беше меч каков што очекуваме, противник на едно повисоко ниво, би рекол противник од ново на групна фаза. Имавме многу шанси, но немавме среќа во првиот дел, премногу промашивме и на крај заслуживме да израмниме. Успеавме да израмниме откако тие ни дадоа гол каков што ни дадоа. На полувреме се договоривме дека мора да дадеме гол за да си ги зголемиме шансите за пласман понатаму и тоа се случи. Овој гол сега ни влева самодоверба дека можеме до плајофот. Ни дава шанса за плејофот и веруваме дека таму може да дадеме гол(ови) и да одиме понатаму. Сите ние веруваме во тоа. Почнувајќи од мене, иако Гент е врвен тим“, рече Тричковски.