Тричковски пак се повреди? Лекарските прегледи ќе покажат колку е сериозно

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски вчера беше повторно предводник на АЕК Ларнака, откако постигна два гола од два пенали во триумфот со 3-1 против АЕЛ Лимасол, но играше до 67-та минута и тренерот Елиас Хараламбус објави дека напаѓачот сам побарал измена поради мускулен проблем.

Тричковски во последниот период доста често отсуствува од трените поради мускулни проблеми, па сега повторно постои неизвесност за кавка повреда станува збор и колку е тоа сериозно, а Хараламбус по мечот објавил дека лекарските прегледи ќе откријат за што станува збор.

„Тричко сам побара замена и засега не знаеме за што точно се работи. Ќе оди на лекарски прегледи, па ќе знаеме подетално“, рекол Хараламбус.

Медиумите во Кипар веќе објавија дека станува збор за мускулен проблем, но без поголеми детали околу сериозноста на повредата. Тричковски со двата гола веќе дојде до бројката од 22 погодоци сезонава, од кои 17 во најсилната кипарска лига и моментно е прв стрелец во првенството со просек повеќе од еден гол по меч.