Тричковски останува во АЕК Ларнака – се договори за нова соработка

Доскорешниот македонски репрезентативец Иван Тричковски останува дел од АЕК Ларнака, откако кипарскиот клуб денеска објави дека е договорена нова соработка, но утре ќе ги соопшти сите детали на официјалното потпишување на новиот договор.

Тричковски е најдобриот странец што воопшто заиграл во историјата на овој клуб, а сезонава има невиден старт со шест гола на пет меча досега, а македонскиот интернационалец веќе пет години е дел од овој кипарски клуб и веќе има 89 гола во дресот на АЕК.

Убедливо најдобра сезона му беше прекинатата поради коронавирусот, 2019/20 кога даде 20 гола на 19 меча до прекинот, а во пет сезони во низа има двоцифрен голгетерски ефект, со што не е ни чудно што кипарскиот клуб не сака да се откаже од неговите услуги, иако Тричковски има 34 години.

Тричковски е дете на Вардар, кој потоа играше и за Работнички, белградска Црвена Звезда, Енозис Паралимни и АПОЕЛ на Кипар, Бриж и Васланд Беверен во Белгија, АЛ Наср во Обединетите Арапски Емирати, како и за полска Легија. Од македонската репрезентација се повлече после историскиот настап на Еуро 2020 летово.