„Трајковски со три тренинга покажа дека е класа“
Многу големи очекувања имаат од Трајковски на „Пољуд“, особено што неспорен е неговиот квалитет и колку побрзо го достигне вистинското ниво, толку побрзо ќе влезе во стартните 11 на хрватскиот гигант, кој сезонава веќе јасно ја постави целта, да ја врати титулата после 18 години.
„Трајковски дебитираше после само три тренинзи и крилниот напаѓач, кој од минатиот вторник почна да работи со екипата, доби нешто повеќе од пола час на премиерата. Се гледа во секој негов допир со топката дека е класа играч, но јасно се гледа дека сѐ уште е далеку од напаѓачот кој 'жареше и палеше' во Италија. Трајковски три месеци нема одиграно меч и јасно е дека ќе му треба време, а допрва ќе ја крева формата и тоа не е ништо спорно. Прашањето е само со која брзина ќе покаже каков напредок има. Јасно е и дека Хајдук со него добива уште поголема стабилност во нападот“, пишува највлијателниот спортски медиум во Хрватска, „Спортске Новости“.
Проенките се дека Трајковски во најдобра форма треба да се очекува да биде за еден месец, но неговото искуство за една третина од мечот ќе биде добредојдено од претстојното дерби со Динамо, па следните со Риека, Осиек...
„Прерано е да очекуваме Македонецот да биде стартер веќе со Динамо, а не е реално ни потоа со Риека и Осиек, зашто ќе му треба барем еден месец за да влезе во вистински ритам на тренинзите. Но, дотогаш може да одигра 20 до 30 минути, на свежина и на искуство и да биде од огромна корист. Додека не ја достигне оптималната форма, ќе биде џокерот на Леко, играч кој може да направи разлика на теренот, а таков ќе биде вреден и доволен и за Динамо. На мал простор, Трајковски и тоа како може многу да направи. Нема ништо спорно, ваков играч му требаше на Хајдук“, додава весникот.