![](https://sport1.mk/files/styles/article/public/article/2023/02/08/193983-sram-mi-e-shto-edna-bugarska-provincija-makedonija-ima-takov-stadion-a-nie-nemame.png?itok=ky7gJo_I)
„Срам ми е што една бугарска провинција - Македонија - има таков стадион, а ние немаме!“
На прес-конференција по повод почетокот на пролетната полусезона, првиот човек на Славија Софија расправал за многу работи, од финансиската состојба на бугарските клубови, преку бугарските таленти кои не добиваат шанса, до политичката и економската состојба на целата држава. Во сето тоа, најде начин како да ја „пецне“ и Македонија, нарекувајќи ја бугарска провинција.
Очигледно, откако нивната репрезентација гостуваше во Скопје, во мечот од Лигата на нации, минатава есен, Стафанов го бендисал нашиот најголем стадион „Тодор Проески“, па сега бара одговор од тамошните власти зошто не се погрижат да направат барем таков, како македонскиот.
„Срам ми е што една провинција на Бугарија - Македонија - има стадион за чудење и за покажување, а ние Бугарите тука се чудиме како да објасниме дека немаме таков стадион. Треба еден човек 'со панталони' да застане и да каже дека ќе почне да се гради. Целото општество ќе го благословува. Пред да дојдат на власт ветуваат сè и сешто, а кога ќе дојдат - забораваат. На Буарија ѝ треба владетел како Орбан. Знаете ли колку спортски објекти изгради во Унгарија. Тие немаат ни море. Од каде Унгарија има повеќе пари од Бугарија? Некој да ми објасни. Нафта ли имаат, злато ли имаат? Ништо немаат, ни море немаат. Треба да поведеме сметка зошто немаме такво нешто - еден стадион, греење на стадионите, повеќе спорт во училиштата. Во комплексот 'Славија' направивме ремонт на салите за кошарка и за одбојка, инаку немаше каде да тренираат децата. Срам ми е, што државата не се грижи за овие прашања“, ја пренесуваат изјавата на Стефанов, медиумите од Бугарија.
Што е за право, Бугарија има поголеми стадиони од „Тодор Проески“, како „Пловдив“ (капацитет од 55.000) и „Васил Левски “ (капацитет од 44.000), но и двата се постари и, според зборовите на Стефанов, не се за фалење.