„Која е бре таа Македонија - вчера стана држава, а сега треба да се плашиме од неа!“

Утрешниот натпревар помеѓу Македонија и Бугарија во Разград (18 часот) на стартот од годинешното издание од Лигата на нации предизвика огромен интерес во јавноста кај источниот сосед, најмногу низ призма на политичките проблеми кои ги имаат двете држави.

Бугарите не ни дозволуваат влез во Европската унија, а тамошната јавност смета дме сме им ја украле историјата, поради што денеска има еден куп отценувачки па и навредливи изјави, налик на таа на првиот човек на софискиот прволигаш Славија, Венцислав Стефанов. Тој ептен дрско, во изјава за „Новини247“, изјави дека Бугарија не смее ниту да мисли дека би можела да загуби од некоја си Македонија.

„Која е бре таа С. Македонија!? Па таа вчера стана држава, зошто тогаш ние би стравувале. Па ако стравуваме од репрезентации како Македонија, Грузија и Гибралтар тогаш воопшто и да не играме фудбал. Да си играме некои детски игри“, изјави Стефанов за „Новини247“.

Станува збор за еден од најконтроверзните ликови во бугарскиот фудбал, па неговиот екстремен став не изненадува никого на Истокот, иако постојат многу луѓе што и го делат неговото мислење.