„Ристовски ќе ја преземе лидерската улога од Адеми во Динамо!“

Откако со четврти гол пролетва донесе нова победа за Динамо и нов чекор поблизу до нова титула, Стефан Ристовски, капитенот на македонската репрезентација, ќе биде новиот лидер на Динамо Загреб на теренот, предвидува најпознатиот и најугледен меидум во Хрватска, „Спортске Новости“.

Ристовски вчера со гол за победа го испрати Адеми на печалба во Кина, ама со настапите веќе се наметнува како човекот кој ќе ја преземе улогата што досега ја имаше капитенот на „модрите“, откако Адеми по 13 години реши да замине од „Максимир“, а загрепчани синоќа му се поклонија.

„После десетина дена потреси, Динамо излегува стабилен со тренерот (Чачиќ – н.з.) кој ќе го однесе тимот до последниот свиок пред целта – титула. Динамо остана без капитенот, но во репрезентативниот колега на Адеми добива нов лидер. Стефан Ристовски е лавот на терен, силата во одбрана, стрелецот во нападот и – лепакот во соблекувалната“, пишува познатиот хрватски весник.

Македонскиот репрезентативец кој пред две години дојде во Динамо од Спортинг Лисабон за еден милион евра, има уште една година од договорот со „загрепчани“, но веќе во најава е потпишување на нова соработка многу извесно по завршување на сезонава, зашто и Динамо, а и Ристовски имаат иста желба – да ја продолжат заедничката соработка.

Инаку, капитенската лента од Адеми ќе ја наследи хрватската „единица“ Доминик Ливаковиќ.