Се чека Зидан да даде знак: Македонскиот бисер е приоритет на Реал Мадрид! (ФОТО)

Македонскиот фудбалски бисер Елиф Елмас веќе подолго време е на радарот на најголемите европски клубови, кои посакуваат да го ангажираат, особено откако неодамна турските медиуми објавија дека Фенербахче донел одлука за да го продаде екстра талентираниот фудбалер за врска и со добра заработка да го склопи буџетот за следната сезона.

Меѓу десетината клубови кои сериозно го следат Елмас и се заинтересирани за да го ангажираат е и најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид, а сега според последните пишувања на шпанските медиуми, меѓу нив и на мадридски „АС“, доста близок до „кралскиот клуб“, Реал како приоритет го ставил Елмас на листата на желби за засилување.

Неколку шпански медиуми ја пренесоа веста, повикувајќи се и на информации од Турција, наводно дека еден вид на разговори за Елмас се започнати, но најпрво се чека „зелено светло“ од старо-новиот тренер на „кралевите“ Зинедин Зидан, зашто за секој трансфер сега го одобрува.

„Играчот за врска на Фенербахче, Елиф Елмас е еден од најследените фудбалери од Реал Мадрид, иако има само 19 години. Зидан не престанува да следи фудбалери, а Флорентино Перез веќе испраќа и конкретни понуди. Елмас има турско потекло, но е роден и игра за Македонија и веќе игра на големата сцена во Турција. Во Турција веќе се најавува дека Елмас е иден член на Реал“, пишуваат шпански медиуми.

Зидан дојде во Реал со услов да не му се меша никој во работата, ниту во преодните рокови и сам да направи реконструкција на великанот, кој сезонава остана без трофеи. Поради тоа, Флорентино Перез веќе му доставил листа на Зидан за млади и многу перспективни играчи, кои треба да бидат иднина во клубот на подолг рок, а во самиот врв на приоритети е македонскиот фудбалски бисер. Реал со ангажманот на Виничиус најави еден поинаков проект, покрај купувањето на големи суперѕвезди, а тоа е пронаоѓање на суперталенти кои по адаптацијата би биле децениски влог за „кралевите“.

Турските медиуми, пак, објавија дека Зидан веќе е добро запознаен со квалитетите на 19-годишниот Елмас, кој веќе има 39 настапи за Фенербахче и еден гол, па во брзо време Реал ќе тргне во анција за да го ангажира. Наводно во моментов, први разговори има со Лестер, чиј менаџер Брендан Роџерс го сака македонскиот репрезентативец, а премиерлигашите Тотнем, Манчестер сити и Манчестер јунајтед исто така се сериозно заинтересирани, покрај Борусија Дортмунд и Лацио, кои од поодамна се распрашуваат за услугите за фудбалерот за врска.

Елмас дојде во Фенербахче во август 2017 година, а Турците од него очекуваат добра заработка.