Репрезентативецот ќе бара нова средина: АЕЛ сака да раскине со Ристевски

Кипарски АЕЛ Лимасол сака да ја прекине соработката со македонскиот репрезентативец Кире Ристевски после само една година од ангажманот, најавија низа меидуми од Кипар.

Ристевски лани во мај пред Европското првенство потпиша двегодишен договор со опција за продолжување на соработката за уште една сезона, но после само една сезона, сега од Кипар доаѓаат информации дека е еден од шестмината фудбалери во актуелниот погон кои се на „црната листа“ за прекин на соработката.

Според информациите, АЕЛ планира посериозна реконструкција на тимот и низа засилувања за новата сезона, па Ристевски заедно со Роберт Мазан, Патрик Просек, Ромарио Балде, Андрија Маидевац и Марко Бабиќ се вишок и клубот сега ќе бара решение како да се ослободи од нив.

Поранешниот фудбалер на Пелистер и Работнички во кариерата играше за Билис, Елбасан и Тирана во Албанија, софиска Славија во Бугарија, како и за унгарските Ујпешт и Вашаш, каде мина пет години пред да дојде на Кипар.

За Македонија има 57 настапи и е репрезентативец од 2014 година.