Првиот човек на Фенер проговори за Елмас по огромната „тепачка“ на гигантите!

Македонскиот бисер во Фенербахче, Елиф Елмас веќе со месеци е во фокусот на најголемите европски гиганти, кои посакуваат да го ангажираат летово, па веќе испраќаат понуди и се интересираат за фудбалерот за врска.

На долгиот список на заинтересирани гиганти се Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Тотнем, Интер, Борусија Дортмунд, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Севилја, Лацио, Фиорентина... И Фенербахче од поодамна преку медиумите посочува дека Елмас не е достапен за помалку од 20 милиони евра, а првпат за македонскиот бисер проговори и првиот човек на клубот, Али Коч.

„Премногу тимови се заинтересирани и трансферот во моментов е на агендата, но ние не сме приморани да го продадеме Елиф. Дури и планираме да го задржиме најмалку уште една година“, вели Коч за весникот „Хуријет“.

Коч за турскиот весник обелоденил дека секое јавување од западноевропските гиганти и распрашувања за можноста да биде откупен Елмас завршувале со едноставен одговор – доставете понуда, ќе ја разгледаме!

Турските медиуми пред неколку месеци, кога беше објавено дека Фенербахче е во сериозен минуд од преку 60 милиони евра најавуваа дека можеби финансискиот спас на клубот лежи во продажбата на Елмас, ама очигледно во Истанбул имаат други планови, па се најавува и зголемување на платата на македонскиот фудбалер.