
Партизан го враќа дресот што е „копија“ на опремата на Хајдук и на - Силекс (ФОТО)
Иако црно-белата комбинација со децении е симбол на белградскиот клуб, резервниот дрес добива посебно внимание меѓу навивачите. Новиот договор со италијански производител на спортска опрема му носи на Партизан приход со седум цифри, а токму бордо-плавата комбинација ќе биде користена на гостинските натпревари.
„Црно-белиот дрес останува основен и ќе се носи на домашен терен. Резервниот дрес, со боите што потсетуваат на Барселона, ќе се користи на гости кога нема да се поклопува со дресот на домаќинот. Третата гарнитура е инспирирана од славната историја – реплика на дресовите на Драган Манце и Момчило „Моца“ Вукотиќ. Договорот со снабдувачот е потпишан на три години“, изјави потпретседателката на Партизан, Милка Форцан.
Бордо-плавиот дрес се поврзува со златниот период на клубот, особено со настапите во Лигата на шампионите во сезоната 2003/04. Тогаш со тие дресови настапуваа фудбалери како Стеван Јоветиќ, Алмами Мореира и Ламин Диара. Истите бои се користеа и во сезоната 2007/08. Сепак, токму дизајнот на новиот дрес отвори прашања кај навивачите, особено поради тоа што речиси идентично изгледа како дресот на сплитски Хајдук, а македонските навивачи забележаа и силна сличност со опремата на Силекс. И покрај овие визуелни паралели, историска врска меѓу клубовите во однос на боите не постои.
Во раните години по формирањето, Партизан навистина носеше црвено-плави дресови со линии, уште во 1952 година, но кон крајот на 1950-тите, под раководството на Фрањо Туѓман во ЈСД Партизан, клубот го прифати денешниот црно-бел идентитет, наводно по идеја на Стјепан Бобек, по примерот на италијанскиот Јувентус.