
Навивачите бараа спас за Левски од Бојко Борисов, а тој им порача: Земете си ги акциите!
Газдата Васили Божков се закани дека ќе го напушти Левски, ако му биде укината лиценцата за Националната лотарија, а токму таа е главен финансиер на Левски во моментов. На приемот во Владата на Бугарија, Борисов на навивачите им порачал да си ги земат акциите од клубот и тие да го водат.
„Јас сум левскар (навивач на Левски – н.з.), но само вие сте тие кои имате поврзаност со двата проблеми. Левски е нешто што постои и ќе постои. Ако сакате да го има тој клуб како што сакате, каков што си го претставувате, акциите на клубот треба да бидат кај вас. И вие да го управувате клубот“, им рекол Борисов на навивачите.
Навивачите на Левски побараа прием во Владата со Борисов и министерот за спорт Красен Кралев после заканите Божков дека ќе се повлече од клубот поради спорниот закон за игри на среќа и лиценцата за лотаријата.
„Не дојдовме тука за да браниме некого, нечии корпоративни интереси, ноту некакви лиценци, закони за коцкарници... Нас не интересира што ќе се случи со Левски, какви се нашите гледишта за клубот и како ќе одиме понатаму“, рекоа навивачите на Левски.
Од навивачките здруженија најавија дека ќе ја разгледаат опцијата што им ја предложил Борисов.
„Средбата беше долга, разговаравме за многу нешта и можам да кажам дека се согласивме дека моделот по кој сега се управува фудбалот е погрешен. Беше предложено да си ги земеме акциите, што и да значи тоа. Ќе размислиме за предлогот. Но, ова не е првпат некој да ни предложи да ги земеме акциите. Ние сакаме стабилен клуб, што во оваа година го имаме, ама овој модел не е стабилен“, рече еден од навивачите на обраќањето во Владата.