Локомотива го претстави Ибиши: Преку Хрватска до добар трансфер во Европа!

Хрватскиот вицешампион и учесник во квалификациите за Лигата на шампионите, екипата на Локомотива Загреб, денеска и официјално го претстави 19-годишниот доскорешен вардарец, Џемал Ибиши, како големо засилување во пресрет на новата сезона.

Офанзивецот во првата изјава во дресот на новиот клуб ја потенцира разликата помеѓу хрватското и македонското првенство, а ја кажа и причината зошто дошол во оваа земја, а тоа е да направи добар трансфер во некоја поквалитетна европска лига.

„Очекувам да ѝ помогнам на екипата и на крајот од сезоната да бидеме шампиони. Одлично е што ќе играме во квалификациите за Лигата на шампионите и ќе дадам сѐ од себе во европските искушенија. Ги гледав повеќе од половина натпревари на Локомотива во минатата сезона, ми се допаѓа стилот на игра и верувам дека добро ќе се вклопам. Хрватската лига е подобра, поквалитетна и на повисоко ниво од македонската, а како таква е поблиска до европскиот фудбал. Тоа е одлична отскочна штица за кариера во Европа, што исто така е мој мотив за дојдам во Локомотива“, изјави Ибиши за официјалниот сајт на хрватскиот клуб.