Имало и бетер од Победа: Скендербег суспендиран 10 години и парично казнет со - милион евра!

Албански Скендербег доби жестока казна од Европската фудбалска унија (УЕФА), која на овој тим од Корча, инаку бивш првак на западниот сосед е суспендиран од европските натпреварувања во следните десет години, а патем ќе мора да плати казна од – еден милион евра.

Скендербег беше во центарот на вниманието уште пред три години поради сомнителниот меч во Лига Европа со Локомотив Москва, кој го загубија со 0-3, а два гола примија експресно во неколку минути во финишот од мечот.

Албанските медиуми ја објавија одлуката на УЕФА, но засега од европската централа нема потврда за оваа голема казна, ниту пак има потврда од Фудбалската федерација на Албанија. Одлуката за жестоката казна за Скендербег е донесена пред една недела на 7 февруари.

Ова е втор голем случај за суспензија на еден клуб од страна на УЕФА, откако пред една деценија настрада прилепска Победа, која беше суспендирана на седум години од УЕФА за местенката со Пјуник во Скопје (1-3) во 2004 година во квалификациите за Лигата на шампионите.

Тогаш УЕФА ја казни Победа со секаква спортска активност, па клубот буквално беше згаснат и го немаше на фудбалската мапа во земјава.