Газдата на Левски уапсен во Емиратите откако избега од Бугарија

Газдата на бугарскиот великан Левски, Васил Божков бил уапсен синоќа во Обединетите Арапски Емирати, откако пред два дена избега од Бугарија, а според јавниот обвинител Божков е фатен на аеродромот заедно со уште две лица кои го придружувале, но имињата не се соопштени.

Божков се најде во фокусот на бугарската јавност откако објави дека ќе го напушти Левски ако се донесе новиот закон за игри на среќа, а тој во Бугарија важеше како „крал на коцкањето“, зашто ја управуваше националната лотарија. Според некои медиуми Божков избегал од Бугарија откако било утврдено дека направил проневера од 270 милиони евра (не се потврдени овие информации).

Државната комисија за игри на среќа после истрагата што ја спровела, подигнала обвинение преку јавното обвинителство за злосторничко здружување во кое Божков бил на врвот на организацијата и обвинети се за перење пари, изнуда, даночно затајување... Поради проблемот со Божков, минатата недела навивачите на Левски бараа приен кај премиерот Бојко Борисов, кој пак им порача да си ги земат акциите од клубот и тие да го управуваат еден од симболите на Софија.

Откако Божков избегал, државата го заплени неговиот имот, но распиша меѓународна потерница и сега експресно е уапсен. Кога и како ќе биде депортиран од обвинителството детали најавиле денеска.

„Во изминативе три дена силно работевме да го најдеме Божков, а вистината е дека тој е уапсен во Обединетите Арапски Емирати и задржан на територијата на ОАЕ: Имаме писмен документ дека е уапсен. Ако се сеќавам, Божков постојано велеше дека е тука на Балканот, ама излгеда не е добар со географијата Им благодариме на ОАЕ за тоа што го уапсија. Не знам колку ќе трае процедурата за екстрадиција. ОАЕ ја заврши работата што ја побара државата, обвинителството и бугарските служби за безбедност“, речеИван Гешев од обвинителството.

Левски сега е во незавидна ситуација, па ќе мора да си бара нов газда, а веќе најавено е дека старото раководство пред Божков може повторно да го преземе клубот, но сега навивачите се тие што ќе го имаат последниот збор. Левски веќе со години не е конкурентен за титулата, која засега е „експкузивно право“ на Лудогорец.