Ефектот на Јаховиќ во Анталија – поставен клупски рекорд со 11 меча без пораз во низа!

Откако бившиот македонски репрезентативец Адис Јаховиќ направи нов трансфер зимоска во Турција, па Малатијаспор ја замени со Анталијаспор, неговиот ефект и влијание на тимот е повеќе од очигледно – со головите носи победи или бод, а тимот поставува клупски рекорд.

Турските медиуми пресметаа дека Анталија, која покрај Јаховиќ го ангажираше и Лукас Подолски, е во серија од 11 првенствени меча без пораз и никогаш досега во историјата овој клуб немал ваква серија. Претходната од 10 меча им била пред повеќе од една деценија.

Последен пат Анталија загуби од Башахшехир, актуелниот лидер во Турција на 18 јануари годинава со 1-4, кога Јаховиќ даде гол и оттогаш порази овој клуб претрпе само во Купот и тоа два од Аланија.

Од овие 11 меча, Јаховиќ играше на седум зашто кај Денизли ја повреди јаболчната коска и мораше на операција, а неговиот ефект во тие седум гола се четири погодоци, од кои два во низа на последните два меча.

Македонскиот интернационалец сезонава веќе има 15 гола и е на делба на третото место во трката за најдобар стрелец со Косовецот Ведад Муриќи од Фенербахче. Папсис Сисе од Аланија со 19 е втор, а Александер Сорлох со 20 од Трабзон засега е прв на листата на стрелци. Јаховиќ пред три години беше трет најдобар стрелец во турската Суперлига, а и сега потврдува дека е во извонредна форма.