Докажаниот „хејтер“ на Македонија ги нарече навивачите на ЦСКА Софија – свињи!

Пролетниот дел од сезоната во бугарскиот фудбал започна со хаос, а вниманието беше насочено кон малиот софиски дерби меѓу Славија и ЦСКА Софија, во кое домаќините славеа минимална победа (1-0),а главна тема по натпреварот беа нередите на трибините, предизвикани од гостинските навивачи.

Фановите на ЦСКА не го поднесоа поразот и во налет на бес го демолираа стадионот – кршеа столици и ги фрлаа на теренот. Драмата дополнително се разгоре кога водачот на ултрасите се симна на терен и одржа остар говор пред играчите на ЦСКА. Сето тоа го разгневи претседателот на Славија, Венцислав Стефанов, кој важи за докажан „хејтер“ на Македонија познат по многу контроверзни изјави против нашата држава (види ТУКА), по натпреварот упати жестока критика.

„Свињи! Свињи! Ги пуштате во својот дом, а тие ви кршат сè! И тие ви се навивачи? Каков клуб е ЦСКА? Доаѓате, губите како глупаци, па потоа почнувате да кршите. Барем сега имате пари, па ќе платите за штетата“, изјави бесниот Стефанов.

ЦСКА Софија минува низ криза и се наоѓа на деветтото место, во зоната за бараж за опстанок, додека Славија со оваа победа го прескокна ривалот и се искачи на осмото место, последно што води во плеј-офот за Конференциската лига.