Динамо: Нема судир со Адеми, му дадовме понуда за нов договор!

После информациите кои денеска ги објавија хрватските медиуми дека македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на Динамо Загреб побарал трансфер, лут на раководството и на тренерот Анте Чачиќ, хрватскиот првак низ соопштение демантира дека постои судир со својот капитен, објавувајќи дека му дале понуда за – нов договор!

Адеми е рекордер на Динамо по број на трофеи и европски настапи, втор по број на настапи за Динамо, за во последниве десетина дена се поврзува со трансфер во шпанска Валенсија или во Саудиска Арабија од каде има богата понуда, а барањето за заминување наводно е поради битката за превласт во клубот и клановите што се создадоа во клубот, па сето тоа довело до неисполнето ветување дека ќе му биде дозволен трансфер во странство.

„Нема никаков судир во никаков облик од било кој од челниците на Динамо, од претседателот, членот на управата Крешимир Антолиќ или тренерот Анте Чачиќ со Аријан Адеми. Капитенот беше денеска во клупските простории на средба со челниците и со спортскиот сектор за да ги изнесе информациите дека има интерес од одредени клубови од странство за негов трансфер.

Раководството на клубот после тоа заедно со спортскиот директор и тренерот јасно го кажаа својот став за останување на Адеми во Динамо и даден му е предлог капитенот да потпише нов договор со клубот“, објави Динамо.

Адеми за „модрите“ има 351 меч во кои даде 39 гола и 29 пати асистираше, а е член на Динамо од 2010 година кога дојде од Шибеник. Во минатото за него беа заинтересирани Рома, Лил, клубови од Кина и С. Арабија, но сите понуди заеднички досега беа одбиени и од Динамо и од Адеми, кој со 22 пехари е најтрофеен фудбалер во историјата на загрепскиот гигант.