Далиќ откри од што зависи враќањето на Калиниќ во репрезентацијата на Хрватска

Златко Далиќ најави дека Никола Калиниќ би можел да се врати во репрезентацијата. Тие двајца имаа конфликт на СП во Русија бидејќи Калиниќ одби да влезе во игра.

„На натпреварот со Нигерија Никола се загреваше, требаше да влезе во вториот дел, но изјави дека не е подготвен бидејќи почувствувал проблем со грбот. Не беше подготвен ниту против Бразил во Англија, а не беше подготвен ниту на последниот тренинг. Три пати не беше подготвен, јас тоа мирно го прифатив, ми требаа здрави и подготвени играчи, па одлучив да го испратам дома“, објасни тогаш Далиќ.

На крајот Калиниќ не доби ниту медал од Светското првенство бидејќи и самиот сметаше дека не го заслужува. Сега Далиќ, кој во меѓувреме остана без Марио Манџукиќ, отвори можност за камбек на Калиниќво репрезентацијата.

„По заминувањето на Манџукиќ ќе биде тешко да се најде сличен играч, бидејќи кај него значајна беше и играта во одбраната. За Никола Калиниќ вратата во репрезентацијата секогаш му е отворена, а Никола е на потег, не јас“, порача Далиќ.