Босанците воодушевени од „вардарецот“ Манев: Неговата игра е нереална за босански услови!

Кога дојде пред едно лето во Скопје, многумина се сомневаа во квалитетите на Коста Манев, после неговите фудбалски авантури во Финска, ама брзо ги освои срцата на сите вардарци. Само шест месеци откако го напушти скопксиот гигант и се пресели во славниот Вележ од Мостар, и во Босна не знаеа кој е „македонскиот анонимус“, а за неполна пола година веќе го прогласија за еден од најдобрите стопери во босанската Премиерлига.

Манев пред крајот на преодниот рок заврши во Вележ и дебитираше во четвртото коло, откако по воведните три Вележ, кој се врати во елитата најави експресен кам бек до домашната „цвајта“. Но, кога Феџо Дудуќ како тренер дебитираше, а тогаш и Манев го одигра својот прв меч во ремито со Слобода Тузла (0-0), Вележ процвета, а мостарскиот великан има само шест бода помалку од бившиот првак Зрињски и најлут ривал од поделениот град Мостар, а есенва ја заврши со голема победа на Грбавица кај Железничар (2-0).

„Манев за босанската јавност, ама и за тренерот Дудиќ беше тотална мистерија и... Брзо потоа сите сфатија дека се работи за играч кој е класа за босанската лига. Откако дебитираше без него е незамислив стартниот тим, а одигра есенва 16 меча и сите ги одигра по 90 минути. И над сè, делува помалку неверојатно, ама и нереално, Манев кој е стопер сè уште нема добиено ниту жолт, а ниту црвен картон. Тоа најдобро покажва за каков квалитет се работи, за дисциплината во неговата игра, за одговорноста. Не треба да чуди што навивачите на Вележ за Коста велат дека кога топката е кај него – 'сигурна е како во сеф'“, пишваат еден куп пофалби босанските медиуми за макеоднскиот интернационалец.

Според статистиките, повикувајќи се на „ИнСтат“, Манев е еден од најдобрите дефанзивци во лигата. Досега има индекс на учинок од 223. Најголем учинок има 267 на мечот со Челик Зеница (2-0).

Манев во Мостар дојде од Вардар после една сезона кај црвено-црните, а претходно беше дел од финските Кеми Кингс, Интер, Хонка, Викингит, ПК-35, Клуби 04... Договорот со Вележ му е до јуни идната година, ама мостарси уште сега бараат управата експресно да ја продолжи соработката и тоа што е можно подолгорочно.