Бизарно: Србија за финале на Европската лига се кандидира со стадион што – не постои!
Нашиот северен сосед официјално го пријави „Националниот стадион“ како кандидат за финалето на Лига Европа во 2028 и 2029 година, апроблематично е што стадионот не само што сè уште не е завршен, туку неговата изградба е во рана фаза, а реализацијата на буџетот за проектот е под еден процент. Овој објект треба да се натпреварува со реномирани стадиони во Лион, Торино и Букурешт – сите веќе функционални и модерни арени кои нудат далеку подобри услови. Засега, градилиштето во сурчинското предградие едвај се поместило од почетната точка.
И покрај големите доцнења, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, останува уверен дека стадионот ќе биде готов до 1 мај 2027 година.
„Ќе се тркаме да го изградиме на време. Ќе биде најубав во регионот и еден од најмодерните во Европа“, изјави Вучиќ, додавајќи дека стадионот нема да биде готов до декември 2026, но сигурно ќе биде завршен пред мај 2027.
Проектот за „Националниот стадион“ првично беше проценет на 257 милиони евра, но според најновите податоци, трошоците веќе ја надминуваат милијардата. Србија досега потрошила повеќе од 368 милиони евра, иако стадионот сè уште не добил своја форма. Големиот раст на трошоците и доцнењата поттикнуваат сомнежи за неправилности и злоупотреби во проектот.
Според најавите, стадионот во Сурчин ќе го носи името на легендарниот Синиша Михајловиќ и ќе има капацитет од 52.000 седишта.