Бивш македонски репрезентативец на 28 години ја заврши кариерата за да започне – бизнис!

Поранешниот македонски репрезентативец Јани Урдинов на 28 години реши да се пензионира од фудбалот, па мостарски Вележ, поранешниот југословенски бренд е последниот клуб во неговата фудбалска кариера.

Урдинов дојде во Вележ на едногодишен договор и тој беше неговиот 12-ти клуб во кариерата, која ја започна од Холандска Рода, па преку Работнички, Екранас, сараевски Железничар, Видѓев Лоѓ, Шкендија, стигна да игра и во Фљамуртари, Јихлава, Бохемијанс, Зира, Ружомберок и дојде лани во Мостар. По само шест месеци, Македонецот роден во Мехелен (Белгија) реши да го прекине договорот и да стави крај на кариерата, за да се посвети на – сопствен бизнис и на семејството.

„За време на паузата зимава бев дома со сопругата и децата и кога се вратив на првиот собир, на луѓето во Вележ им соопштив дека не сакам повеќе да играм фудбал. Сега ќе стартувам сопствен бизнис, а решив дека најубаво ми е дома со семејството. Супер ми беше во Вележ, на клубот му посакувам сè најдобро. Супер ми беше тука, имав супер однос со сите и да бидам искрен, никаде каде што играв немаше ваква атмосфера како во Вележ. Ќе ми недостига сето тоа, но измерив што е најдобро за мене и – го избрав семејството“, вели Урдинов за босанските медиуми.

Тој како што посочи купил деловен простор, па сега планира да отвори продавници. Но, не објави поголеми детали за новиот бизнис.

„Купив неколку деловни простории и ќе отворам некои продавници“, потенцира Урдинов.

Тој се појави како еден од талентите родени надвор од Македонија, заедно со браќата Станков, кои почнаа во младинските репрезентативни категории, прво во селекцијата до 17 години (шест настапи), па во таа до 19 години (осум настапи), а најмногу играше за младонската селекција до 21 година (дури 22 пати). За сенопрската селекција во 2012 година играше на пет меча. Дебитираше во Леирија на меч со Португалија.

После заминувањето на Урдинов, Вележ остана само со еден Македонец и тоа бившиот вардарец Коста Манев, кој летоска го засили мостарскиот клуб и брзо ги освои срцата на навивачите со своите настапи.